Обединетите нации побараа итна меѓународна акција во Сирија, по ужасниот масакр во кој, според сириската опозиција, при артилериски напади на владините сили во петокот биле убиени 92 лица, од кои повеќе од една третина се деца.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и пратеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан, издадоа заедничко соопштение во кое го осудија „ужасното и брутално злосторство“ во кое е користена непропорционално голема сила а целиот чин претставува „флагрантно кршење“ на меѓународниот закон и кршење на ветувањето на сириската влада дека нема да користи тешко вооружување или насилство.
– Извршителите на злосторството мораат да одговараат, рече Анан.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг соопшти дека неговата земја итно се консултира со своите сојузници и оти разгледуваат силен меѓународен одговор на масакрот, а во консултациите учествуваат СБ на ОН, ЕУ и организации на ОН за човекови права.
Бунтовничката Слободна сириска армија соопшти дека повеќе нема да го почитува мировниот план за Сирија, кој го поддржаа ОН, се додека светската организација итно не интервенира со цел да ги заштити цивилите.