Американскиот претседател Барак Обама телефонски разговарал со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по повод обновувањето на мировните преговори по тригодишниот прекин, соопшти Белата куќа.
Палестинските медиуми објавија дека Обама апелирал на Абас да ја искористи можноста за постигнување договор со Израел.
Набил Абу Рудеина, советник на палестинскиот претседател, истакна дека Абас изразил надеж за постигнување договор за шест до девет месеци.
Двете страни во понеделникот во Вашингтон се договорија да го прекинат застојот и да ги обноват преговорите со цел да постигнат договор околу условите за создавање палестинска држава.
За обновувањето на преговорите најмногу придонесе американскиот државен секретар Џон Кери, кој шест пати од февруари досега отпатува во регионот за тоа да го постигне.