Обама на чело на нова кауза

Од:

Претседателот на САД Барак Обама се подготвува да застане на чело на движењето кое се гради околу протестите по ослободителната пресуда за 17 годишното момче Трејвон Мартин, кој беше убиен во Флорида во 2012 година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Неговиот говор со кој првпат во текот на досегашниот мандат се осврна на прашањето на расните поделби во САД и дискриминацијата на Афроамериканците, се најде на насловните страници на сите весници во САД, токму на денот кога беа организирани 100 протестни маршови против ослободувањето на Џорџ Цимерман, човекот кој го застрела Трејвон Мартин.

– Бев среќен кога го слушнав претседателот вчера како вели „и мене ме дискриминрале“. Ние ќе се бориме да се оствари сонот на доктор Мартин Лутер Кинг, изјави Ал Шарптон, свештеник и телевизиски водител, кој ги организираше саботните протести во 100 градови низ САД.

По пресудата која беше изречена на 13 јули, низ САД секојдневно се организираат протести  и засега се забележани само помали безредија во Лос Анџелес и неколку одмазнички напади. Тоа сепак е далеку од расните немири кои однесоа над 50 животи во Лос Анџелес по ослободителна пресуда за полицајците кои во 1993 година го претепаа Афроамериканецот Родни Кинг.

Обама во своето обраќање кажа дека и самиот ја почувствувал дискриминацијата во САД, и стравот на белите граѓани од него, како Афроамериканец.

– Кога Трејвон Мартин беше застрелан реков дека, да имав син, ќе изгледаше како него. Но, може да се каже дека Трејвон Мартин беше како мене, пред 35 години, изјави претседателот, наведувајќи како луѓето ги заклучувале автомобилите кога ќе го виделе дека поминува по улица.

Најмасовен од протестите беше тој во Њујорк, каде мајката на Трејвон Мартин, Субриан Фултон зборуваше заедно со Ал Шарптон, а се појавија и суперѕвездите Џеј Зи и Бијонсе. Слично на движењето „Окупирај го Волстрит“, протестите за Трејвон Мартин имаат политичка порака да се сменат законите за поседување на оружје.

Во април кога се обиде да протурка законски измени со кои ќе се отежнеше купувањето на оружје, Обама претрпе тежок пораз во Сенатот, кога дури и сенатори од неговата Демократска партија му откажаа поддршка. Барање на протестите е промена на законите кои важат во 30-ина американски сојузни држави, со кои се овозможува високо ниво на правна заштита на лица кои ќе употребат сила да се одбранат од напад.

Цимерман, син на белец и Латиноамериканка, кој бил член на доброволната патрола против криминалци во неговата населба, признава дека вооружен го следел Трејвон Мартин, сомневајќи се дека момчето со блуза со качулка е крадец, но дека Трејвон прв нападнал. Цимерман вели дека пукал откако веќе бил совладан, и се плашел дека животот му е во опасност.

Целите и можниот ефект од протестното движење се уште не се јасни. Во Вашингтон, кој е погоден од топлотен бран, само по неколку стотици граѓани излегоа на трите собири планирани пред судските згради во центарот, во Александрија и во северните предградија во Мериленд. Комичарот Дик Грегори, кој се обрати на протестот, како главна цел на собирот повика на бојкот на Флорида, по примерот на музичарот Стиви Вондер кој рече дека по пресудата нема веќе да одржува концерти во оваа американска сојузна држава.

Меѓу начините за бојкот на Флорида можат да се слушнат повеќе идеи, како бојкот за сокот од портокали од Флорида, избегнување на одморалиштата во оваа држава до најбизарниот – повикот да се бојкотира комплексот Дизниворлд во Орландо.

– Колкумина од вас биле до Дизниленд да видат еден стаорец? А не сте отишле подолу по улицава, да го видите гробот на Мартин Лутер Кинг? Да не умреше Кинг, немаше ниту да ве пуштат во Дизниленд, повика Грегори.

Феј Вилијамс од Националниот конгрес на црните жени, побара бојкотот да се однесува не само на Флорида, туку на сите американски држави кои имаат закони што овозможуваат висок степен на самоодбрана.

Обама досега одбегнуваше да се дефинира како афроамерикански претседател, избегнувајќи ги темите поврзани со расата. Тој првпат ја посети Африка дури по речиси пет години како претседател, додека се до убиството на Мартин, не беше соочен со позначајно прашање кое се однесува на меѓурасните односи, освен постојаните расправии околу правилата за гласање и легализирањето на илегалните имигранти – прашање кое многу повеќе се однесува на латино-американската заедница.

Неговата економска агенда е заглавена во Конгресот, каде што нема доволно мнозинство, а администрацијата е притисната од серијата скандали со прислушување и притисоци врз опозицијата, медиумите и сојузничките земји, поради што претседателот направи неколку неуспешни обиди да ја смени темата пред јавноста, пред се со еколошка иницијатива, но пресудата на Трејвон Мартин нуди можност повторно да ја врати политичката агенда кон поседувањето на оружјето

Од другата страна на протестите, заштитниците на правото на носење оружје за одбрана од криминалот посочуваат дека криминалот е пред се проблем на афроамериканската заедница, и дека случаите во кои белец или Латиноамериканец ќе убие Афроамериканец се ретки. Во текот на изминатите неколку години, бројот на Афроамериканци убиени годишно се движи меѓу 5.500 и 8.000, над половина од нив тинејџери и момчиња во нивните 20-ти години. Над 90 проценти од оваа исклучително висока стапка на убиства кај Афроамериканците се извршени од припадници на истата заедница.

Ноќта во пресрет на денот на протестите, три убиства беа извршени во Вашингтон, а од нив, јавноста особено ја потресе убиството на Џамал (21) и Џејми (28) Џенкинс, брат и сестра кои отишле да реагираат кај лицето кое украло таблет компјутер и телефони од Џејми. Во Чикаго, градот кој урива рекорди во стапката на криминал, во главно афроамериканска населба во престрелка било тешко рането шестгодишно девојче. Две лица почнале меѓусебна пресметка, и останале неповредени, но затоа го погодиле девојчето и 52-годишна жена кои биле дојдени на молитва.

– Девојчето падна тука, на мојот трем. Постојано се пука кај нас. Не би рекла секој ден, но сигурно секој втор ден, изјави Ванеса Рос, роднина на ранетата жена.

Иако првата дама Мишел Обама присуствуваше на погребот на Хадија Пенделтон, 15-годишното девојче убиено во слична пресметка во февруари во Чикаго, сепак овие бројни убиства не го привлекуваат вниманието на јавноста како кога убиецот и жртвата се од различни заедници, како што е случајот со Џорџ Цимерман и Трејвон Мартин.

Би можело да ве интересира

Одговорот на Лавров: Соединетите Американски Држави и нивните сателити едноставно се плашат од фер конкуренција

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимка од американски разурнувачи кои пукаат во ирански ракети

Џо Бајден се противи Израел да ги таргетира иранските нуклеарни локации

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак