Белата куќа ја разгледува можноста да ја откаже планираната средба меѓу претседателот на САД Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин во Москва, чекор кој може дополнително да ги заостри односите меѓу двајцата лидери.
Белата куќа ја разгледува таа варијанта во момент кога Москва ја разгледува жалбата за времен азил на Едвард Сноуден – американски граѓанин обвинет за откривање информација за доверливи програми на американското разузнавање.
Според официјални претставници, причина за откажување на средбата можат да бидат и други области на разлики со Русија, како што е поддршката на Москва за сирискиот претседател Башар ал Асад.
Обама се уште планира да присуствува на меѓународна средба во Санкт Петербург во септември.