Американскиот претседател Барак Обама потврди денеска дека договорот за взаемна одбрана меѓу САД и Јапонија ги опфаќа и островите, кои се предмет на спор меѓу Пекинг и Токио.
– Политиката на САД е јасна, изјави Обама во писмен одговор на прашањата, објавени во јапонскиот весник „Јокиури“, пред пристигнувањето во Токио подоцна денеска, во рамки на неговата турнеја низ азиските земји.
– Островите Сенкаку се под власт на Токио и поради тоа се опфатени со јапонско-американскиот договор. Ние се спротивставуваме на сите еднострани обиди за поткопување на јапонското управување со тие острови, нагласи Обама.
Спорните острови Јапонија ги нарекува Сенкаку, а Кина Дијаоу.
Обама истакна дека САД ги продлабочуваат своите врски со Кина, но додаде дека тие врски нема да се зајакнат на сметка на Јапонија или кој било друг сојузник.
Тој нагласи дека САД ќе продолжат да преземаат мерки за намалување на ефектот од военото присуство на Окинава, но додаде дека е важно да се запомни дека присуството на американските маринци на Окинава е од апсолутно значење за заедничката безбедност.