Американскиот претседател Барак Обама му порача на британскиот премиер Дејвид Камерон, дека САД ценат една силна Велика Британија во една силна Европска унија, соопшти Белата куќа.
Камерон, кој се соочува со барања на некои од претставниците на сопствената партија за распишување референдум по прашањето дали Велика Британија треба да ја напушти ЕУ, вчера го одложи своето обраќање за улогата во иднина на Велика Британија во ЕУ поради заложничката криза во наоѓалиште на гас во Алжир.
Во телефонски разговор Обама и Камерон разговараа за ситуацијата со заложниците, меѓу кои имаше и британски и американски граѓани и изразија поддршка за француската воена операција против исламистичките бунтовници во Мали, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Според претставници на алжирските сили за безбедност, 30 заложници, меѓу кои седум странци се убиени за време на заложничката криза, што почна во средата. Меѓу убиените заложници се осум Алжирци, двајца Јапонци, двајца Британци и еден Французин. Националноста на останатите жртви не е позната.