Американскиот претседател Барак Обама денеска ќе положи заклетва во Белата куќа, а во понеделник јавно во Капитол, кога и ќе го одржи инагурациониот говор, со што и официјално ќе започне неговиот втор и последен мандат на чело на Соединетите Американски Држави.
По положувањето венец на воените гробишта во Арлингтон во Вашингтон, Обама денеска во 11.55 по локално, односно во 17.55 во средноевропско време, ќе положи заклетва во Белата куќа.
На овој дел од церемонијата ќе присуствуваат новинари и мал број луѓе, главно членови на семејството на Обама, а истата процедура ќе се повтори и утре во Капитол.
Милиони луѓе ширум светот ќе го следат инаугурациониот говор на Обама, а според очекувањата, во Вашингтон ќе се соберат околу 800.000 лица, што е значително помалку од 1,8 милиони, колку што се собраа во Вашингтон во 2009 година, за време на неговиот прв инаугурационен говор.
Обама ќе внесе симболична измена во долгогодишната традиција, бидејќи на инаугурацијата на вториот мандат заклетвата ќе ја положи држејќи ја раката не на една, туку на две библии – Абрахам Линколн и Мартин Лутер Кинг.
Воведувањето на Библијата на Кинг има посебно значење, бидејќи инаугурацијата е на 21 јануари, на денот посветен на водачот на борбата за правата на афроамериканците, кој пред 50 години пред Меморијалниот споменик Линколн, го одржа познатиот говор „Јас имам сон“.
Во случувањата кои ќе ја следат инаугурацијата ќе учествуваат голем број ѕвезди како Бјонсе, Кети Пери, Стиви Вондер, Алиша Киз, Ашер, Бред Пејсли и Кели Кларксон.