Неколку европски невладини организации испратија денеска отворено писмо до Европарламентот со повик да не ја прифати номинацијата на Гинтер Ојтингер за еврокомесар за човечки ресурси, а како причина се наведени неговите недолични изјави.
– Сметаме дека Ојтингер не е вистински избор за еврокомесар за човечки ресурси, пишуваат 10-те организации, меѓу кои се наоѓаат „Транспаренси интернешанал“ и „Оксфам“.
Тие наведуваат дека тој неколку пати давал „расистички, сексистички и хомофобски изјави“, додавајќи дека Гинтер Ојтингер „не вдахнува доволно доверба во однос на етичко и транспарентно однесување“.
НВО го повикаа Европскиот парламент да се спротивстави на неговото именување за еврокомесар за човечки ресурси, потенцирајќи дека „човекот кој ќе ја преземе оваа функција треба да служи за пример“.
Предвидено е Ојтингер да го преземе ресорот на Кристалина Георгиева, која поднесе оставка поради новата функција во Светска банка.