Новиот претседател на Израел, Рувен Ривлин денеска положи заклетва пред Парламентот, со што официјално стапи на должноста.
Ривлин е десеттиот шеф на еврејската држава и на таа функција го наследи добитникот на Нобелова награда за мир, Шимон Перес.
Ривлин положи заклетва на еден од најсмртоносните денови во израелско-палестинскиот судир, кој започна на 8 јули. Од почетокот на израелската офанзива во Појасот Газа загинаа над 750 Палестинци, меѓу кои и голем број цивили. На изразелска страна загинаа 32 војници, двајца цивили и еден работник од Тајланд.
Заклетвата во Кнесетот беше бојкотирана од арапските пратениците.
Ривлин (74) е поранешен претседател на Парлементот и приврзаник на населувањето на окупираните палестински територии, на кои Палестинците планираат да основаат своја држава. Според израелските медиуми, Ривлин е „јастреб“ на политичката сцена и не поддржува формирање на палестинска држава.
Иако Ривлин е истакнат десничар, тој најави дека ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Ривлин беше избран за претседател во јуни со гласање во Кнесетот, а неговиот мандат трае седум години.