Новиот австралиски премиер Кевин Руд именуваше денеска рекорден број на жени во својата Влада.
Руд дојде минатата недела на местото на поранешната премиерка Џулија Гилард, откако таа ја загуби функцијата по гласањето на раководството на Лабуристичката партија.
„Се радувам дека оваа Влада има најмногу жени од сите досегашни влади во историјата на Австралија“, рече Руд.
Од 30-те министри во проширениот кабинет, составен од новиот премиер 11 се жени. Во претходниот владин состав имаше девет жени.
Во тимот на Руд влезе сенаторката од државата Викторија, Сасинта Колинс, која стана министер за психичко здравје и постари лица, Џули Колинс е именувана за министер за прашањата на жените и станбената политика, а Кетрин Кинг ќе раководи со Министерството за регионален развој и локална самоуправа.
Премиерот изјави дека овие именувања се направени поради компетентноста на овие жени, а не заради феминизирање на тимот.
„Главна задача на кабинетот е да ја задржи силната економија“, додаде тој.