Во северозападната провинција Шан, која се наоѓа во подрачјето меѓу Мјанмар и Кина продолжи офанзивата на мјанмарската армија против бунтовничката алијанса на племињата од овој регион. Според извештаите од боиштата офанзивата на армијата на Мјанмар не ги дава очекуваните резултати.
Властите во Јангун соопштија дека вчера загинал еден војник, а седуммина биле ранети. Загинале и двајца бунтовници, но властите изразија загриженост за судбината на над 100 илјади цивили кои буквално се заробени на територијата каде што се водат борбите.
Судирите на армијата со бунтовниците избувнаа на 12 февруари. Бунтовниците кои прогласија идеја за борба за независна држава Шан контролираат повеќе од половина од територијата на провинцијата, а мјанмарската авијација неделава повеќе пати ги нападнала нивните упоришта.
Преку медиумите што ги контролира полувоената власт на Мјанмар за поддршка на бунтовниците е обвинета Кина. Пекинг ги демантира овие наводи, соопштувајќи дека обезбедува само храна, лекови и засолниште за бегалците од Мјанмар. Според кинески медиуми од Мјанмар во кинеската провинција Јунан има над 50.000 бегалци, а најмалку уште толку се обидуваат да преминат во Кина.