Нов напад на џамија во Шведска се случи во текот на новогодишната ноќ. Молотов коктел е фрлен врз една џамија во Упсала, но не предизвикал поголем пожар, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
На верскиот објект истовремено биле испишани зборови и пораки со расистичка содржина, соопшти полицијата.
– Станува збор за расистички пораки насочени кон религија, рече за шведската телевизија Лиса Санервик од службата за информирање при полицијата во Упсала.
Еден минувач, кој бил очевидец на инцидентот, изјави дека забележал лице кое фрлило неколку предмети кон џамијата.
Ова е трет напад на џамија во изминатава недела во Шведска. Претходно беа предизвикани пожари во муслимаснки верски објекти во Ескилстуна и Еслев.
Инаку, во текот на изминатата година во Шведска се случиле петнаесетина напади врз џамии во различни градови, при што, меѓу другото, е забележано цртање кукасти крстови, ковење штици да се блокираат влезните врати, кршење прозорци, подметнување на пожари и оштетување на фасади.