Андерс Беринг Брејвик, норвешкиот десничарски екстремист кој е во затвор поради убиството на 77 млади луѓе во 2011 година, бара предвремено ослободување од затвор, изјави денеска неговиот адвокат.
Во август 2012 година, Брејвик беше осуден на максиналната казна според норвешкото законодавство, 21 година затвор за нападите со автоматска пушка и бомба во Осло и во младинскиот камп на Лабуристичката партија во близина на главниот град, кои го згрозија светот.
Адвокатот Ојстејн Шторвик рече дека поднел барање за условно ослободување во име на неговиот клиент.
Брејвик има законско право на судска ревизија на неговото барање за предвремено ослободување откако ќе отслужи 10 години затвор, минимум кој е наведен во казната, рече неговиот адвокат.
Брејвик, кој го смени своето име во Фјотолф Хансен, исто така планира уште една тужба против норвешката Влада, жалејќи се дека затворските услови биле во спротивност со неговите човекови права, рече Шторвик. Брејвик претходно неуспешно тужеше поради истите причини.