Русија има програма за саботажа на морски ветерни електрани и телекомуникациски кабли во Северното Море, тврди заедничката истрага на нордиските ТВ станици. Во истрагата на телевизии на Данска, Норвешка, Шведска и Финска, се тврди дека Русија има флота од бродови маскирани како рибарски и истражувачки бродови во Северното Море.
Тие носат опрема за поморско набљудување и ги мапираат клучните точки за потенцијална саботажа, пишува Би-Би-Си, кој пренесува дека британските власти се свесни за такви пловни објекти во близина на британските води. Првиот дел од серијата ќе се емитува во среда на телевизии во четири земји.
Дански контраразузнавач смета дека плановите за саботажа се подготовка за целосен конфликт со Западот, а норвешките разузнавачи тврдат дека програмата се управува директно од Москва и е многу важна за Русија. Телевизиските станици тврдат дека пресретнале руски комуникации за таканаречените „бродови духови“ во северните води, кои ги исклучиле своите предаватели за да не ги откријат нивните локации.
Извештајот се фокусира на рускиот брод Адмирал Владимирски, кој официјално е океанографски подморски истражувачки брод. Нордиските земји тврдат дека всушност станува збор за руски шпионски брод, јавува Би-Би-Си.
Тој брод се приближувал до крајбрежните ветерни електрани, а кога новинар му се приближил на помал брод, го пречекало маскирано лице со пушка. Бродот беше виден и минатата година во близина на шкотскиот брег. Во февруари, холандските разузнавачи издадоа необично предупредување за активност што може да биде показател за подготовки за саботажа на морската инфраструктура, поврзана со присуството на руски брод.