Серијата руски напади врз мостовите на реката Днепар во Киев создаде нов проблем за украинската команда пред почетокот на зимата, бидејќи оштетувањето и затворањето на клучните премини ги загрозуваат транспортните врски меѓу западниот и источниот дел на земјата и дополнително ја оптоваруваат воената и цивилната логистика.
„Њујорк тајмс“ проценува дека долготрајното затворање на киевските мостови би можело да создаде „логистички кошмар“ не само за главниот град, туку и за Украина во целина. Според податоците објавени во украинските медиуми, кои се повикуваат на американскиот весник, меѓу 1 и 3 октомври руските напади шестпати ги погодиле мостовите во Киев – петпати Јужниот мост и еднаш Северниот мост.
Проблемот за Киев не се само непосредните оштетувања. Големите армирано-бетонски мостови тешко се уништуваат целосно со ограничен број удари, но оштетувањата на коловозите, столбовите, заштитните конструкции и далноводите може да ги принудат властите да ги затворат мостовите на подолг период од безбедносни причини.
Ова веќе доведе до големи сообраќајни метежи. Асошиејтед прес извести дека руските воздушни напади предизвикале делумно или целосно затворање на три моста на реката Днепар и практично го парализирале сообраќајот на главните сообраќајници во украинскиот главен град.
Важноста на мостовите во Киев ги надминува рамките на градскиот сообраќај. Преку нив се превезуваат луѓе, стока и опрема, а затворањето на неколку премини истовремено би наметнало потреба од долги заобиколни патишта.
Според „Њујорк тајмс“, најблискиот патен мост јужно од Киев се наоѓа на околу 145 километри од главниот град, што би го продолжило патувањето за околу два и пол часа доколку градските премини бидат затворени. Другите мостови, лоцирани низводно, се поблиску до зоната на борбени дејствија и затоа се изложени на поголем ризик.
Ваквата ситуација би можела да биде особено важна за снабдувањето пред зимата, кога воените и цивилните транспортни мрежи се дополнително оптоварени со превоз на гориво, енергенси и друга стока.
За време на викендот повторно беше погоден Северниот мост во Киев, при што нападот предизвика оштетувања на коловозот и на електричната инфраструктура. Сообраќајот беше привремено запрен, а две лица беа повредени.
Западните медиуми сè почесто оценуваат дека Москва се обидува да ја прошири кампањата од енергетските објекти кон транспортната инфраструктура и на тој начин истовремено да го попречи функционирањето на главниот град и на украинските логистички рути.
Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ пишува дека нападите врз мостовите претставуваат нова фаза од пошироката руска кампања насочена кон отежнување на економскиот и секојдневниот живот во Киев. Во последните напади сериозно беа нарушени врските меѓу двата брега на Днепар, кои секојдневно ги користат стотици илјади жители.
И „Асошиејтед прес“ известува дека нападите врз мостовите изгледаат како нова тактика на Москва, насочена кон попречување на функционирањето на главниот град.
Истовремено, расте загриженоста поради можен нов бран напади врз украинската енергетска инфраструктура во текот на зимата. Западните извештаи наведуваат дека Киев стравува од обид да се искористи комбинација од напади врз електроенергетската мрежа, транспортот и други системи за да се изврши дополнителен притисок врз големите градови.
