Нетанјаху сака брзо одобрение од владата за нападот во Рафах

Од:

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака брзо одобрување од владата за плановите за контроверзна воена офанзива врз јужниот крајбрежен град Рафах и покрај разговорите за прекин на огнот во војната во Газа. Планот ќе вклучува принудно отстранување на цивилното население.

Напредувањето на израелската армија кон Рафах, најјужниот град во Појасот Газа, се смета за многу проблематично бидејќи сега таму живеат околу 1,5 милиони Палестинци. Повеќето од нив избегале од војната од другите делови на тој крајбрежен простор.

Во Рафах живеат во мизерни услови, најчесто во шатори или на улица.

Нивната евакуација изгледа тешко изводлива бидејќи другите делови на Појасот Газа се уништени или ја немаат потребната инфраструктура за сместување на толку голем број луѓе.

Планираната воена офанзива во Рафах е силно критикувана на меѓународно ниво – дури и сојузниците како САД го повикуваат Израел на воздржаност.

Нетанјаху се осврна и на преговорите за привремен прекин на огнот во војната против палестинската милитантна група Хамас и ослободување на заложниците.

Во петокот тој испрати делегација во Париз на индиректни преговори.

Тој напиша дека владата сака да ги разгледа следните чекори во преговарачкиот процес. Израелските претставници претходно во саботата изјавија дека има уште долг пат до постигнување договор.

Околу 130 заложници сè уште ги држи Хамас, кој заедно со другите екстремистички групи започна напад во јужен Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.200 луѓе, а според израелската влада, киднапирани се приближно 240 лица и се однесени во Појасот Газа.

Како одмазда, Израел започна офанзива во која беа уништени големи делови од Газа, поголем дел од населението беше раселено, а околу 30.000 луѓе беа убиени.

– Само комбинација од воен притисок и цврсти преговори ќе доведат до ослободување на нашите заложници, елиминација на Хамас и постигнување на сите воени цели, рече Нетанјаху.

Би можело да ве интересира

Во нападите на Израел низ Појасот Газа загинаа најмалку 96 лица

Горан Наумовски

Во израелски напад врз училиште во бегалски камп во Газа загинаа 10, а ранети се 20

Горан Наумовски

Хамас ги повика светските лидери да ја запрат израелската војна во Газа

ИДФ: Четворица војници загинаа во борбите во Појасот Газа

Горан Наумовски

Брутален напад на хуманитарната зона, има мртви и ранети

Олмерт: Израел го уништи воениот капацитет на Хамас