Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека воената операција врз Појасот Газа, која започна во вторникот, би можела да потрае и дека Израел се подготвува да ја продолжи.
– И понатаму го напаѓаме Хамас со цела сила. Хамас користи цивили како човечки штит, истакна Нетанјаху, нагласувајќи дека палестинското движење се крие во џамии, оружјето го става во болници, а своите командни центри ги поставува во близина на градинки.
Тој го обвини Хамас за предизвикување штета врз цивилното население, нагласувајќи дека разликата меѓу оваа исламистичка организација и Израел е тоа што Израел користи противракетни батерии за да ги заштити израелските граѓани, а Хамас ги користи граѓаните за да ги одбрани своите ракети.
Во меѓувреме, палестинските екстримисти продолжиле да ги ракетираат јужните делови на Израел откако израелската војска ги предупреди десетиците илјади жители во северниот дел на Појасот Газа да се евакуираат до пладне пред интензивирање на израелските воздушни напади врз лансирните ракетни рампи и командните центри.