Нема докази за „долгата рака” на Кремљ

Од:

Дојче веле – Бон

Германските тајни служби не нашле ни еден цврст доказ за претпоставката дека Кремљ го финансира и организира влијанието на јавното мислење во Германија. Тој извештај на службата и кабинетот на канцеларката не сакаа да го претстават во јавноста.

Во јануари минатата година, 13-годишната Лиза Ф. исчезнала во Берлин и се појавила следното утро. Малата Германка со руско потекло кажала на полицијата неколку различни верзии на настанот, од кои првата ќе се открие како лажна, гласела дека била киднапирана од тројца мажи „со јужњачки изглед”, што е шифра за луѓе од арапско потекло или од Блискиот исток. Полицијата врз основа на податоците од нејзиниот мобилен телефон на крај утврдила дека девојчето ноќта доброволно ја поминала кај едно 19-годишно момче.

Иван Благој, новинар од руската државна телевизија Први канал, прв ја проширил верзијата на настанот, според која Лиза ја киднапирале и силувале Арапи. Следеле демонстрации на 700 Германци од руско потекло пред седиштето на канцеларката во Берлин, а потоа и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја повтори верзијата за силување. Тој на германските институции упати забелешка дека го прикриваат случајот.

„Курс на конфронтација”

Случајот со Лиза Ф. само е еден од примерите поради кои меѓу германските владејачки политичари и во медиумите се рашири тезата дека Кремељ вештачки прави штимунг против германските власти, посебно потенцирајќи ја бегалската политика на Ангела Меркел како погубна.

Таа теза јава на бранот на обвиненијата од САД дека Москва на разни начини влијаела на изборот на Доналд Трамп за претседател. Во Германија веќе се појави страв дека Русија со ширење на лажни информации, со хакерски напади и финансирање на дубиозни организации и политички партии може да влијае на претстојните избори за Бундестагот, кои ќе се одржат во септември.

Меѓутоа, за сето тоа нема ниту еден доказ, дозна тимот на истражувачките новинари од листата на Зидојче цајтунг и јавните сервиси WDR и NDR. Уште од есента, пишува Зидојче, на маса на министрите во кабинетот на Петер Алтмајер стои извештајот на германските тајни служби на 50 страници во кој се наведува дека вмешаноста на Кремељ нема јасни докази. Како што пренесува весникот, тој извештај не е претставен на јавноста, бидејќи не ги донел очекуваните резултати.

„Останува прашањето: Дали руската власт нема врска со настаните? Или на германските тајни служби едноставно не им појде од рака да ги докажат систематските руски манипулации?” – наведува минхенскиот Зидојче цајтунг.

Во анализата на тајните служби пишува дека Кремљ од 2014 година е на јасен „курс на конфронтација кон Западот, но дека активностите во земјите на Западот можеби не ги организирале руските тајни служби туку лица и организации надвор од службите. Меѓутоа, сите заедно тие се уште не играат значајна улога во загрозување на германските безбедносни интереси”. Потребно е дополнително да се работи на расветлување на тематиката, се додава.

Единствено докажано влијание – преку државните медиуми

Истото важи и за други примери. На пример, во февруари минатата година голем број Германци со руско потекло добија порака преку апликацијата WhatsApp која гласеше: „Муслиманите на 14-ти февруари организираат секс-џихад”. Наводно биле планирани масовни силувања во Германија. Иако се претпоставува дека со тоа дополнително требало да се разгори отпорот против бегалската политика на Берлин, германските служби сметаат дека акцијата била „дилетантска” и дека може да се припише на Кремљ.

Што се однесува до наводното влијание на десничарската партија Алтернатива за Германија, во извештајот се наведува дека нема докази за тесни врски ниту за финансирање од Москва.

Исто така, не е утврдено дека хакерските напади, меѓу другото и на германскиот Бундестаг, е дело на руските тајни служби. Таквите сомнежи постоле пред се бидејќи во кодовите кои ги користеле хакерите се појавуваат кирилични букви. „Во кабинетот на канцеларката изгледа дека не се убедени во таа верзија. Такви грешки, велат, руската тајна служба не прави” – пишува Зидојче.

Единствено што е извесно е неприкриеното влијание на Русија преку државните медиуми како РT и Спутник кои известуваат и на германски јазик. Тие, според извештајот на германските агенти, се однесуваат како со Западот да владее „персонифицирано зло”, додека Зидојче додава дека двата медиума „најблаго кажано” новинарски се спорни.

Би можело да ве интересира

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски

Русија за атентатот на шефот на Хезболах: Уште едно политичко убиство

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми

Боцан-Харченко: Русија ќе ја заштити Србија и Република Српска