Поранешниот јужноафрикански претседател Нелсон Мандела, кој од осми јуни се наоѓа на лекување во болницата во Преторија, се наоѓа во критична состојба, соопшти кабинетот на актуелниот претседател Џејкоб Зума.
Во соопштението се наведува дека Зума го посетил Мандела во болницата и разговарал со неговите најблиски, како и со лекарите.
– Тој е во добри раце и лекарите прават се што е потребно за да се подобри здравствената состојба на Мандела, се истакнува во служебеното соопштение на кабинетот на претседателот.
Лекарскиот тим потврди дека здравстената состојба на тешко заболениот прв црнечки претседател на Јужноафриканската Република, нагло се влошило во последните 24 часови.
Мандела, кој има 94 години, повеќе од две недели се наоѓа на одделението за интензивна нега во болницата во Преторија, каде се лекува од тешко воспалување на белите дробови. Во изминатите денови, од болницата доаѓаа само штури информации околу здравјето на поранешниот претседател, освен дека неговата состојба е тешка, но дека ситуацијата е под контрола.
Потврдата за критичната состојба со здравјето на прославениот лидер на црнечкото мнозинство во Јужна Африка и борец против апартхејдот, доаѓа непосредно по откритието дека тој бил оставен, во раните утрински часови, по студено време, да лежи во дефектно, амбулантно возило, чекајќи да дојде друго, додека тешко болен, од својот дом во Јоханесбург требало итно да се префрли во болнцата во Преторија.
Јужноафриканските власти тврдат дека инцидентот со возилото на Мандела не влијаело на неговата здравствена состојба ниту дека дошло до влошување, затоа што пациентот бил постојано со искусен болнички персонал кој го придружувал на патот кон болницата.
Еден од внуците на поранешниот претседател изјави во петокот дека здравјето на Мандела се подобрува, па дека тој „наскоро ќе се врати дома“.