Вкупно 11 лица се повредени попладнево кога автомобил удри во група луѓе на тротоарот пред Природонаучниот музеј во Лондон, соопштија болнички извори.
Лондонската полиција полиција вечерва информира дека инцидентот сепак не претставува терористички чин.
Полицијата првично објави дека случајот „не го третира како чин поврзан со тероризам“, но подоцна соопшти дека „остава отворена претпоставка“ дека инцидентот би „можел да биде поврзан со тероризам“.
Скотланд јард соопшти дека станува збор за „судар“ пред Музејот, што се наоѓа во Јужен Кенсингтон во центарот на Лондон, за кој била известена во 14.21 часот по локално време (15.21 по средноевропско време).
– Се верува дека се повредени одреден број пешаци. Во тек е истрага за утврдување на околностите и причините за инцидентот, соопшти тогаш полицијата, додавајќи дека возачот на автомобилот е приведен.
Телевизјата Скај прикажа аматерска снимка на која се гледа како група полицајци држат легнат на земја црномурест маж, покрај црн автомобил марка „Тојота“.
Според телевизјата, станува збор за возачот, кој со „Тојотата“ преминал на тротоарот и откако удрил во неколку лица, застанал пред зградата на музејот. Телевизијата оцени дека „станува збор за обичен инцидент“.
Полицаец присутен на местото во време на инцидентот за Би-Би-Си изјави дека верува оти пешаците минале со полесни повреди.
Британскиот јавен сервис информира дека веднаш по инцидентот пред Музејот пристигнале поголем број полициски и амбулантни возила и вооружени полицајци, а реонот го надлетувал и хеликоптер.
Претставник на Музејот соопшти дека објектот е затворен и никому не му е дозволено да влезе во него, додека лицата што се затекнале во зградата ја напуштиле преку споредните излези.
Природонаучниот музеј е една од најпопуларните туристички атракции во Лондон.