Кризата со храна во Северна Кореја се чини дека се влошува, објави денеска Јужна Кореја, а медиумите објавија дека севернокорејските власти првпат по повеќе од две децении ги намалиле оброците за војниците.
Северна Кореја доживеа голем недостиг на храна во последниве децении, вклучително и глад во 1990-тите. Изолираната земја е под строги меѓународни санкции поради нејзината програма за нуклеарно оружје и балистички ракети, а во последниве години нејзината ограничена гранична трговија речиси целосно стивна поради пандемијата „Ковид-19“.
Јужнокорејскиот весник „ДонгА Илбо“ објави дека Северна Кореја ги намалила дневните оброци за војниците за прв пат од 2000 година, повикувајќи се на неидентификуван висок јужнокорејски функционер. Јужнокорејското Министерство за обединување, кое се занимава со односите со Северна Кореја, соопшти дека засега не може да ги потврди овие медиумски извештаи, но дека внимателно ја следи ситуацијата.
Севернокорејската државна новинска агенција KCNA на 6 февруари објави дека Работничката партија на Кореја свикала состанок на централниот комитет на партијата за „многу важна и итна задача за одредување на правилната стратегија за развој на земјоделството“, објави Ројтерс.
Министерството за обединување наведува дека Северна Кореја ретко свикува состанок од ваков тип. Минатиот месец, американската мониторинг група 38 North рече дека „достапноста на храна во Северна Кореја веројатно паднала под минимумот за човечки потреби“.
Јужнокорејскиот министер за обединување Квон Јанг-се рече дека неодамнешните извештаи на севернокорејските медиуми за појавување на ќерката на лидерот Ким Џонг Ун на државни функции би можеле да имаат за цел да го поттикнат единството и да ја зацврстат лојалноста кон владејачкото семејство во услови на продлабочување на хуманитарните проблеми.