Претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба за испраќање 300 припадници на Националната гарда во Чикаго, откако федерален судија привремено ја блокираше одлуката за испраќање на Националната гарда во Портланд, град кој, како и Чикаго, е управуван од демократите.
„Претседателот Трамп овласти 300 припадници на Националната гарда да ги штитат федералните агенти и имотот“ во Чикаго, Илиноис, изјави неговата портпаролка Абигејл Џексон, додавајќи дека републиканскиот лидер „нема да затвора очи пред беззаконието што ги погодува американските градови“.
Тоа соопштение беше остро критикувано од демократскиот сенатор Дик Дарбин од Илиноис, кој го смета за целосно неоправдано, велејќи дека „претседателот не сака да се бори против криминалот, туку да шири страв“. Ова е петтиот град под демократите каде што претседателот Трамп нареди распоредување на Националната гарда, потег без преседан.
Членови на Националната гарда веќе беа испратени во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис во последните месеци, секој пат и покрај противењето на локалните функционери кои сметаа дека таквата мерка е целосно неоправдана. Слично распоредување на Гардата во Портланд беше привремено блокирано вчера од федерален судија. Трамп рече за градот во Орегон, каде што протестите против спроведувањето на законите за имиграција се одржуваат со месеци, дека градот е „уништен од војна“.
Но, во документ од 33 страници, судијката Карин Џ. Имергут нагласи дека овие протести не претставуваат „закана од бунт“ и дека можат да се справат „редовните органи за спроведување на законот“. Затоа, на федералните службеници им е „привремено забрането“ да ја испраќаат Националната гарда таму, пресуди таа.
Оваа наредба истекува на 18 октомври. Заменик-шефот на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, на X тврдеше дека одлуката претставува судски „бунт“ и ги обвини лидерите на Орегон за „организиран терористички напад врз федералната влада“. Доналд Трамп ја направи борбата против нелегалната имиграција врвен приоритет на својот втор мандат откако се врати во Белата куќа во јануари.