Откако беше потврдено дека шефот на Вагнер групата, Евгениј Пригожин загинал на 23 август во авионска несреќа во регионот Твер, нема информации кога и каде ќе биде погребан.
– Кремљ се уште нема информации за датумот и начинот на погребот на шефот на Вагнер, Пригожин – изјави портпаролот Дмитриј Песков.
Истражниот комитет на Руската Федерација вчера соопшти дека се идентификувани сите десет жртви од авионот, кој минатата недела се урна во близина на Москва.
– Сеуште немам информации за погребот, па не можам да кажам ништо. Сигурно кога ќе се донесе одлуката, јавноста ќе биде свесна за тоа. Ваквите одлуки секогаш се носат со членовите на семејството, пред се во согласност со нивните желби – рече Песков.
Портпаролот на Кремљ исто така рече дека е рано да се коментира дали Путин ќе присуствува на погребот.
– Засега не знаеме кога, што, како, па сега не може да има одговор на ова прашање – рече Песков.