Името на ерата на владеење на новиот јапонски цар ќе биде објавено на 1 април, потврди јапонскиот премиер Шинзо Абе, на својата прва прес-конференција за оваа година.
Абе, исто така рече дека 2019 година ќе одбележи клучни моменти за Јапонија, со оглед на повлекувањето на царот Акихито, кој од здравствени причини одлучи да абдицира, а на престолот почнувајќи од 1. мај ќе го наследи неговиот син Нарухито, пренесува агенцијата АП.
„Се надеваме дека оваа ера ќе има моќен почеток. Ќе покажеме брзина и флексибилност на вепар“, изјави премиерот пред новинарите, посочувајќи дека 2019 година ќе биде историска за Јапонија, како година на вепарот што во азискиот зодијак симболизира одлучност.
Ерата под заминувањето на царот Акихито се вика Хеисеи, што значи „постигнување мир“, а Абе денес рече дека деталите за новото име се уште се разработуваат.
Ерата Хеисеи започна на 8 јануари 1989 година, кога починал царот Хирохито.
Имињата на ерите на владеење се важни затоа што според нив се одредуваат годините во традиционалниот јапонски календар.