Руското обвинителство потврди дека е покрената истрага против опозицискиот политичар Алексеј Навални, откако од своите политички противници беше обвинет дека за својата политичка активност и политичката кампања, прима пари од странство.
Руските закони забрануваат странци и странски фондови да даваат парични донации за руски политичари.
Во соопштението на обвинителството на Москва се вели дека доколку се најдат докази за примање странски пари, против Навални ќе биде покренато кривично обвинување.
Алексеј Навални (37) во јули годинава, беше осуден на пет години затвор за „проневера“. Казната набргу му беше суспендирана, откако Државната изборна комисија потврди дека тој е регистриран како еден од шестмината кандидати за нов градоначалник на Москва, на локалните избори во септември.
Навални важи за остар критичар на претседателот Владимир Путин и неговата внатрешна и надворешна полотика и на неколкупати успеа да организира и спроведе масовни протести. Новата истрага против овој опозициски политичар е покрената по пријавата на лидерот на руската либерал-демократска партија Владимир Жириновски кој во Парламантот секогаш соработува со владејачката Обединета Русија.
Оваа партија исто така го обвини Навални за „примање странски донации“ и побара формална истрага.