Една година по неговото апсење, рускиот дисидент Алексеј Навални потврди дека „не жали ниту секунда“ што се вратил во Русија и им порача на сонародниците „да не се плашат“.
„Го направив тоа и не жалам ниту една секунда“, напиша Навални на социјалните мрежи, алудирајќи на неговата борба против Кремљ и неговото враќање во земјата и покрај можноста за апсење по закрепнувањето во Германија откако беше отруен.
„По една година затвор, ви го кажувам тоа што тогаш им го кажав на приврзаниците на суд: Не плашете се“, додаде Навални во објавата со фотографија со сопругата Јулија.
На 17 јануари 2021 година, руската полиција го уапси Навални на московскиот аеродром Шереметјево, набргу откако тој слета со авион од Германија каде што неколку месеци се лекуваше од труење со нервен отров, за што ги обвини руските власти. Навални денеска се појави на суд поради две тужби против управата на затворот.