Банди, пукотници и брутално пресудување се дел од секојдневието недалеку од олимписките објекти во Рио
ДПА – Хамбург
Посетителите пристигнуваат, а по правливите улички се појавува слаб млад маж со куси панталони и апостолки и носи нешто во рацете.
Од далеку мавта со рацете и веднаш е јасно дека има оружје.
Во огромниот сиромашен кварт Комплекс Алемао, што се наоѓа на рид во северниот дел на Рио, оружјето е вообичена глетка.
Од ридот се гледа голем дел од бразилскиот мегаполис, вклучувајќи ги и далечните контури на еден од стадионите на кои наскоро ќе се одвиваат Олимпијадата во Рио.
Момчето бара од посетителите да се идентификуваат, а потоа ги води до останатите од неговата банда.
Лидерот на бандата се смешка и седи на плоштадот и гали црвено-црн гуштер.
Најблиското седиште на Полициски единици за воведување ред (ПВР), орган за борба против насилствата во сиромашните квартови во Рио создаден во 2008 година, е на само сто метри подолу.
– Полицијата понекогаш не малтретира, рече 18-годишно момче кое се претстави под псевдонимот Пауло Силва.
Тој е член на „Командо Вермелју“ („црвена команда“), една од бандите која го контролира шверцот со наркотици во сиромашните квартови. Силва вели дека бил трипати ранет од полицијата и покажува белег од куршум на градите.
Во најдалечните квартови на Рио – најпознатиот град во Бразил со 6,5 милиони жители – насилството владее со децении. „Комплекс Алемао“ со години беше сметан за едно од местата со најголеми насилства во градот.
Во последниве години, велат службени лица, дека силите на ПВР успеале да го намалат нивото на насилства во над 200 сиромашни квартови во Рио. Но, сега, во предвечерието на Олимписките игри криминалитетот и насилствата повторно растат.
– Во моментов најголем проблем ни е безбедноста. Секој ден има пукотници, вели Камила Силва, која живее во сиромашен кварт.
Таа учествува заедно со други активисти на мали демонстрации пред комплексот за да протестира против недоволните мерки на властите. На ридот има престрелка, а жителите спомнуваат и дека има ранет полицаец.
– Бразилската држава комуницира со сиромашните квартови само преку полицијата, вели жителот Раул Сантијаго.
Тој додава и дека ова е посебно засилено сега кога светот го насочува вниманието кон Рио и ги обвини властите дека преземаат превентивни сурови мерки во неделите пред Олимпијадата.
– Со наближувањето на Олимписките игри полициските операции зачестуваат. Умираат се повеќе невини лица – полицајци и цивили. Тоа е војна – војна на дрогата, со што само се зголемува нсилството, вели 27-годишната активистка.
За време на протестот жителите фрлаат листови хартија со испишани имиња на загинатите. Шестгодишната ќерка на Камила Силва носи маица со натпис: „Не сакам да умрам без образование“.
Според „Хјуман рајтс воч“ во 2015 година во Рио биле убиени околу 645 цивили.
А само неколку седмици пред Олимписките игри, во периодот помеѓу 5 и 12 август, проблемот со насилствата во Рио повторно го привлекува меѓународното внимание.
Не е јасно дали близу 700.000-те посетители, 12-те илјади спортисти и десетината шефови на држави, кои се очекуваат на Игрите, ќе го забележат сето ова.
Како во други големи латиноамерикански градови насилството во Рио е концентрирано претежно во одредени оддалечени населби и речиси и не се забележува во богатите квартови.
Со Светското фудбалско првенство во 2014 година Бразил веќе покажа дека може успешно да организира голем спортски настан.
Не се очекува војните меѓу нарко бандите, вооружените групи кои ги контролираат сиромашните квартови, и полицијата да се почуствуваат во олимписките објекти во Бара де Тижука или населбите Копакабана, Деодоро или Маракана.
Олипмијадата всушност се поклопува со кризата во Бразил кој е зафатена со длабока рецесија и политички и институционален хаос.
Во последниве недели полицијата штрајкува заради неисплатени плати. „Добредојдовте во пеколот“, гласи транспарент на англиски јзик која ја носи полцијата на аеродромот во градот со што се предупредуваат посетителите дека можеби и не се безбедни.
Членовите на „Командо Вермелју“ се чувствуваат безбедно во комплексот Алемао.
– Ние се грижиме се да биде мирно, вели Пауло Силва, додека шета меѓу куќи изршетани со дупки од куршуми од минатите борби со полицијата.
– Ако некој има проблем, може да разговара со претседателот на здружението на жителите и тој ќе дојде да ни каже што е проблемот, Потоа ние одиме кај човекот кој може да плати и со својот живот. Ако крадеш, умираш, рече тој, нагласувајќи дека тоа е едно од правилата на бандата.