Мажот, кој повреди три лица во Исламскиот центар во Цирих, пронајден е мртов во близина на злосторството. Се претпоставува дека напаѓачот извршил самоубиство, соопшти денеска швајцарската полиција.
– Утврдено е дека нападот го извршил 24-годишен Швајцарец, кој нема очигледни врски со исламски радикалисти, посочи полицијата.
Но, не е соопштено неговото име и се претпоставува дека убил уште едно лице во неделата во Цирих.
Кантоналната полиција истакна и дека нема индикации дека постои поврзаност меѓу нападот во Цирих и тој во Берлин.
Напаѓачот вчера упадна во Исламскиот центар и почнал да пука врз верниците.
Во Швајцарија две-третини од вкупно 8,3 милиони жители се христијани, а муслиманската популација порасна за пет проценти по доаѓањето на имигрантите од поранешна Југославија. Во 2009 година Швајцарците на референдум се изјаснија против изградба на ново минаре.