Норвешката полиција соопшти дека вооружениот напад во џамија во предградието Осло е „обид за тероризам“.
Полицијата соопшти дека првите наоди од истрагата посочиле дека напаѓачот имал екстремни десничарски погледи, бил ксенофобичен и сакал да внесе терор.
Неименуваниот Норвежанец, на возраст од околу 20 години, вчера отвори оган во џамија во Берум, предградие на Осло и лесно рани едно лице пред да биде совладан од еден верник и уапсен од полицијата.
Неколку часа по нападот, во куќа во близина на џамијата, пронајдена е мртва млада роднина на напаѓачот, соопшти полицијата, додавајќи дека се сомневаат во убиството.
Претставник на џамијата за локалните медиуми изјави дека напаѓачот, облечен во црно, со кацига и панцир, влегол во зграда во која имало само тројца верници. Тој со себе носел неколку парчиња оружје.
Пред нападот, тој на социјалните медиуми спомнал за „војна на раси“ му оддал почит на Бретон Тарант, кој во март уби повеќе од 50 луѓе во две џамии во Нов Зеланд . Автентичноста на оваа објава сè уште не е потврдена.
Норвешката полиција претходно соопшти дека безбедноста ќе биде засилена по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам.