Израелските сили и палестинските борци денеска се судрија околу болницата Ал Шифа во Газа, каде вооружените крила на Хамас и Исламски џихад соопштија дека нападнале израелски војници и тенкови со ракети и минофрлачки оган.
Израелската војска соопшти дека продолжува да оперира околу болничкиот комплекс во градот Газа, откако упадна во него пред повеќе од една недела. Израелските сили убиле околу 200 милитанти од почетокот на операцијата „притоа спречувајќи штета на цивили, пациенти, медицински тимови и медицинска опрема“, соопшти армијата.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека ранетите и пациентите се сместени во административната зграда Ал Шифа, која не е опремена за да им обезбеди соодветна медицинска нега. Пет пациенти починаа од почетокот на последниот израелски напад поради недостиг на храна, вода и медицинска нега, соопшти Министерството кое го води Хамас.