Во демонстрациите на приврзаници на соборениот од власт претседател на Египет Мохамед Морси, кои се одржуваат во Kаиро, најмалку три лица загинаа во пукотници, јавуваат западни медиуми.
Неколку стотици демонстранти кои го поддржуваат Морси и Муслиманско братство, се обиделе да пристапат до воените бараки каде армијата наводно го држи Морси, по што почнала престрелка меѓу нив и воените сили.
Би-Би-Си јавува дека во инцидентот имало жртви и оти не се знае кој прв отворил оган.
Противниците на Морси исто така повикаа на протести за „одбрана на револуцијата“. Фронтот за национален спас во кој се либералите и левичарите повика „сите Египќани да излезат на плоштади и да ја поддржат револуцијата од 30 јуни“ кога милиони луѓе демонстрираа барајќи оставка од Морси.