Најмалку две лица загинаа, а 15 се ранети во руски напади врз Украина

Од:

Руски крстосувачки ракети денеска ги погодија селата околу пристанишниот град Одеса во јужна Украина, погодувајќи куќи, училиште и општински центар, додека во последните 24 часа најмалку двајца цивили загинаа, а 15 други се ранети во руските напади низ земјата, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

Како што пренесе Бета, руските сили истрелале седум крстосувачки ракети „Калибр“ во регионот на Одеса. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите врз селото Биленка имале легитимна воена цел и оти „се уништени магацини за муниција за оружје испорачано од САД и европските земји“.

Претседателот на регионалната влада на Одеса, Сергеј Брачук, ги оспори тврдењата на Москва и објави дека шест лица се ранети.

– Овие напади врз мирни луѓе имаат една цел – да го заплашат населението и владата и да ги држат во постојана тензија, рече Брачук.

Во последниве недели, руската војска ги гаѓаше Одеса и делови од јужна Украина каде што нејзините војници претходно ги зазедоа градовите, велејќи дека Украина планира контранапади за да ги врати областите што се под контрола на Русија.

Во меѓувреме, украинските сили на терен во источна Украина се борат да ги задржат териториите под нивна контрола.

Портпаролот на Генералштабот на украинските вооружени сили, Олександр Ступун, изјави дека сè уште постои „високо ниво на опасност од ракетни напади на територијата на Украина“.

Во источната украинска провинција Доњецк, каде е прекинато снабдувањето со гас и делумно вода и струја, едно лице загина, а две се ранети.

Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, изјави дека „инфраструктурата на градовите методично се уништува со ракетни напади и оти најмногу страда цивилното население, кое не може да ги задоволи основните потреби“.

Тој рече дека биле извршени четири руски удари врз градот Краматорск и ги повика цивилите да се евакуираат.

Ракетните напади доаѓаат откако британската војска денеска соопшти дека верува оти Русија се соочува со „сè поакутни“ проблеми во одржувањето на силата на своите војници во нејзината тешка војна.

Британското Министерство за одбрана утринава оцени дека Русија „се бори да одржи ефективна офанзивна борбена моќ од почетокот на инвазијата и овој проблем најверојатно ќе стане поакутен“ додека Москва се обидува да го освои Донбас.

– Иако Русија сè уште може да оствари дополнителни територијални придобивки, нивното оперативно темпо и брзина на напредување најверојатно ќе бидат многу бавни без значителна оперативна пауза за реорганизација и ремонт, се вели во соопштението.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Зеленски: Вториот мировен самит треба да стави крај на војната

Украина ја забрани употребата на Телеграм на официјалните уреди на службениците

(ВИДЕО) Масовен напад со дронови врз Русија: Гори магацин за оружје, во тек е евакуација

Горан Наумовски

Во Харков е прогласена тревога за воздух, се слушаат експлозии

Целите се означени: Украина е подготвена да нападне

Шведска и Финска: Украина може да ја нападне територијата на Русија без ограничувања