Најмалку десет војници од обезбедувањето на зградата на јеменската разузнавачка служба се убиени денеска при напад на две лица, за кои се верува дека се припадници на Ал Каеда, јавуваат неименувани безбедносни извори.
Во пукотницата се убиени и двајцата напаѓачи.
Нападот е извршен во западниот град Ходаида, а напаѓачите ја нападнале зградата од два правци. Најпрво бомбаш самоубиец активирал возило со експлозив на задната врата на зградата, а потоа на главната врата вториот напаѓач отворил оган од автоматско оружје и пукал од рачен минофрлач.
Во Јемен војуваат шиитски бунтовници „хути“ од движењето „Ансар Ала“ и дел од војската лојална на поранешниот претседател Али Абдул Салех, а од друга страна војската на меѓународно признатиот актуелен претседател Мансур Хади, кој моментално е во прогон од главниот град Сана.
Според податоците на ОН досега во конфликтот животот го загубиле најмалку 2.100 цивили.