Најмалку 53 лица загинаа, од кои 17 се цивили за помалку од 24 часа во острите судири во Аден, во јужниот дел на Јемен, меѓу бунтовниците шиити и приврзаниците на шефот на државата Абд Рабо Мансур Хади, изјавија денеска медицински и воени претставници.
Борбите, кои продолжуваат, вчера завршија со „смртта на 17 цивили и десет борци на Народните комитети (приврзаници на Хади), изјави претставник на медицинските власти. Во судирите загинале 26 бунтовници.
Заедничките сили на бунтовниците Хути и на припадниците на јеменските вооружени сили кои преминале на страната на бунтовниците, водат борби со цел да ја преземат контролата врз поморското пристаниште во јеменскиот град Аден, јави ТАСС.
Доброволците од т.н. Народни комитети, кои го поддржуваат претседателот на Хади им отстапија на противниците повеќе позиции во пристанишниот дел на градот.
Валентина Абдел Керим од локалната власт ги повика страните во конфликтот да склучат хуманитарно примирје – Ситуацијата во Аден драстично се влоши, предупреди таа и додаде дека поради судирите запреле доставките на храна за полуостровот од континенталниот дел.
Во градот се почести се и прекините на електричната енергија, а во централниот дел нема вода. Десетици семејства ги напуштија своите домови во околината на пристаништето и побараат засолниште на побезбедни локации.
Воената авијација на Саудиска Арабија и нејзините сојузници од „арапската коалиција“ продолжуваат со воздушни напади врз Сана и северните и западните делови на земјата. Изминатите 24 часа се извршени најмалку 20 напади на копнени цели во Јемен.