Најмалку 27 лица загинаа денеска во експлозија на автомобил бомба на автобуска станица во градот Мусајаб во Ирак, соопшти полицијата.
Бомбашот самоубиец со автомобил влетал на автобуска станица додека верници чекале автобус за враќање од светиот град Кебал, каде илјадници шиити секоја година заминуваат на празникот Арбаин, и повредил најмалку 60 лица.
Градот Мусајаб, каде е извршен нападот, се наоѓа на околу 60 километри јужно од Багдад.
По американската инвазија на Ирак и соборувањето на режимот на Садам Хусеин, кој не дозволуваше шиитски прослави, екстремистите често вршат напади за време на празникот Арбаин. За денешниот напад се уште ниту една група нема преземено одговорност.
Најновите насилства доаѓаат речиси две недели по протестите против шиитскиот премиер Нури ал Малики во кои учествуваа илјадници сунити во западната провинција Анбар, на границата со Сирија.