Најмалку 23 луѓе загинаа и повеќе од 200 се повредени ноќеска во судири меѓу противници и приврзаници на египетскиот претседател Мохамед Морси.
Најголем број жртви се регистрирани пред Универзитетот во Каиро. Вкупно 39 луѓе загинаа во демонстрациите и судирите на приврзаниците и противниците на Морси што почнаа во неделата.
Според западни медиуми, ситуацијата е тензична и неизвесна бидејќи Морси веќе отфрли повици за оставка, наведувајќи дека својот уставен легитимитет ќе ги брани со животот и ја повика армијата да го повлече ултиматумот кој истекува денеска попладне по локално време.
Армијата бара Морси и неговите противници да најдат решение за ситуацијата во државата или ќе го суспендираат Уставот, ќе го расформираат парламентот и ќе воведат принудна управа.
Американски медиуми јавуваат дека Морси и Муслиманско братство чиј член е тој, се подготвени да се соочат со армијата и сметаат на поддршка од исламистите.
Морси вели дека армијата не се консултирала со него и поставувањето временски рок може да внесе конфузија.
Локални медиуми најавуваат дека денеска ќе биде ден на заминување на Морси од власта и покрај неговиот отпор. Египетскиот весник Ал ахрам денеска објави дека очекуваат Морси да се повлече или да биде сменет по истекот на рокот поставен од армијата.
Поранешниот генерал во египетската армија Самех Сеиф Елазал е уверен дека армијата ќе ја спаси државата, но не сакаат да владеат.
– Армијата нема никаква намера да ја преземе власта, да раководи со државата, изјави тој за виенски Пресе.
Врховната команда на Египет соопшти денеска дека армијата е подготвена да го даде и животот бранејќи го египетскиот народ од терористи и будали.
– Се колнеме во Бога дека ќе ја жртвуваме и нашата крв за Египети и неговиот народ и ќе го одбраниме од терористи и будали, се вели во соопштението под наслов Последните часови, објавено на официјалната Фејсбук страничка на Врховниот совет на оружените сили чиј шеф е Абдел Фатах ал-Сиси.