Најмалку 22 лица се повредени во синоќешните судири во Каиро меѓу приврзаници на сменетиот египетски претседател Морси и полицијата.
– Деветнаесет луѓе се повредени при насилство во центарот на градот, а тројца во југозападниот дел на Каиро, изјави шефот на Службата за специјална помош Мохамед Солтан.
Полицијата информира дека се повредени и четворица полициајци, без да презицира дали и тие се вклучени вкупниот број на повредени лица на Службата за специјална помош.
Египетската полиција употреби солзавец во центарот на Каиро за разбивање на учесниците во судирите меѓу поддржувачи на Морси и локални жители.
Ова е прв случај на насилство во последната недела во кој учествуваат приврзаници на Морси.
Поддржувачите на Морси ја блокирале една од главните улици во Каиро, „Рамзес“, како и мостот „Шести октомври“ над реката Нил.
Тоа ги разгневило возачите и минувачите и по кусо време дошло до судири, што ја принудило полицијата да употреби солзавец за разбивање на спротивставените страни.
Стотина лица загинаа во Египет при судири по смената на Морси од власта од страна на армијата на 3 јули.
Само на 8. јули, 53 приврзаници на Морси беа убиени откако египетски војници отворија оган врз учесниците на насилните протести пред седиштето на Републиканската гарда во Каиро.
При, судирите загинаа и четворица војници. Армијата обвини дека демонстрантите го нападнале штабот на Републиканската гарада по што нејзините припадници отвориле оган во самодобрана, но приврзаниците на Морси тврдат дека војниците пукале врз нив без причина.