Постојат стравувања дека повеќе десетина лица загинале откако југозападна Јапонија е зафатена од поројни дождови, поплави и лизгање на земјиштето, јавија јапонските медиуми, пренесе ДПА.
Едно лице заврши фатално, додека за 18 други лица е утврдено дека немаат „никакви витални знаци“, фраза што во земјата на изгрејсонцето често пати се користи пред смртта, официјално потврдија властите, соопшти радиото НХК.
Сите жртви, наведува германската агенција, се од тешко погодените провинции Кумамото и Кагошима, на еден од главните јапонски острови Кјушу. Повеќе од 200.000 лица од двете провинции добиле наредби да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште.
Најмалку седум други лица во двете провинции се пријавени како исчезнати, објави НХК.
Фотографиите од воздух прикажани на јапонска телевизија покажуваат темна вода како покрива домови, улици, автомобили и делови од мост.
Цели станбени области се под вода, делови од куќи се разнесени и дрвја искорнати од земјата. Итните служби со хеликоптер ги евакираа заробените жители од нивните покриви.
Мобилната телефонија е во прекин, а илјадници домаќинства се без електрична енергија.
Војската е повикана да ги поддржи службите за итни случаи.
Метеоролозите во Токио издадоа највисоко ниво на предупредување за многу области.