Најмалку 19 лица загинаа во експлозија на цистерна со гориво во тунелот Саланг во северен Авганистан, изјави официјален претставник за ДПА денеска.
Повредени се 32 лица, а се стравува дека бројот на жртвите е поголем, додаде тој.
„Телата на жртвите што ги видовме беа целосно изгорени, не беше јасно дали се деца, мажи или жени. Извадивме околу 12 тела“, изјави очевидец за локалната ТВ TOLOnews.
Портпаролот на Министерството за јавни работи Хамидулах Мусбах изјави дека инцидентот се случил во саботата вечерта поради „технички проблеми“ и пожарот предизвикан од експлозијата потоа се проширил на возилата во близина.
Според властите, пожарот е ставен под контрола по неколку часа, но тунелот што го поврзува северот на земјата со главниот град Кабул и понатаму е затворен за сообраќај.
Мусбах не кажа ништо за финансиските загуби по инцидентот.
Меѓутоа, локалните власти и сведоците на местото на настанот за медиумите изјавија дека поради чадот и гасот се уште никој не успеал да влезе во тунелот.