Најмалку 10 загинати во пожарите во Сибир – ги шири силниот ветар

Од:

Во источниот дел на Сибир беснеат голем број на шумски пожари, што ги засилува силниот ветар, а кои зад себе оставаат стотици изгорени куќи и десетина мртви, соопштија денеска локалните власти.

Во околината на Краснојарск се уништени повеќе од 450 куќи, а најмалку пет лица ги загубија животите, соопштија локалните власти. Најмалку 17 лица се повредени, од кои десет се примени во болница. Во целата област е прогласена вонредна состојба.

Во една куќа во Кемерово се пронајдени три тела, а во тек е кривична истрага за настанот. Во околината на Омск две лица загинаа, а осум се повредени.

Попладнево со соопштение се огласи и гувернерот на оваа област Александар Ус во кое се наведува дека пожарите ги предизвикал ветерот, што на одредени места дува со брзина и до 40 метри во секунда. „Ветерот урна дрвја и електрични столбови, истовремено предизвикувајќи пожари на неколку места во целата Краснојарска област“.

Метеоролошкиот институт Рошидромет предупредува дека ветерот утре ќе продолжи да дува со брзина од 20 до 25 метри во секунда, а на планините и до 30 метри во секунда.

-Но, поради студот ризикот од пожари постепено ќе се намалува, изјави директорот на институтот Роман Вилфанд.

„Ваквите пожари се реткост во мај. Но, одамна немало врнежи, а дува силен ветер“, додаде тој, истакнувајќи дека човечко невнимание е причина за пожарот.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Девет лица загинаа во напад на украинската армија врз селото Махновка во Русија

(ВИДЕО) Русија преку реклами регрутира граѓани од Кина: Се нуди сместување и добра плата

Зеленски ја обвинува Русија дека систематски регрутира кинески борци за војната во Украина

Русија: Царините на Трамп ни отвораат нови можности

Захарова: Западот бара излез од економската криза преку агресија и војни

Русија отфрла какво било присуство на европски трупи во Украина