Нагасаки денеска одбележува 68 години откако врз тој град американски бомбардер фрли атомска бомба на крајот на Втората светска војна, претворајќи го во пекол.
Десетици илјади луѓе се собраа во знак на сеќавање на над 70.000 луѓе кои загинаа во моментот на експлозијата, и на илјада од нив кои починаа во наредните месеци и по една година од последиците на радијацијата.
Атомската бомба е фрлена врз Нагасаки три дена по првата атомска експлозија над Хирошима во која загинаа околу 140.000 луѓе.
Во Хирошима слична комеморација е одржана во почетокот на неделата.
– Ние имаме одговорност да го ослободиме светот од атомското оружје и да пренесеме на наредните генерации и свест во светот за нехуманата природа на атомско оружје, рече на комеморацијата јапонскиот премиер, Шинѕо Абе.
Претставникот на Индија, нуклеарна сила која не е потписник на Договорот за неширење на нуклеарното вооружување, присуствуваше на комеморацијата по прв пат.
Церемонијата е одржана во близина на местото каде американското воздухопловство фрли плутониумска бомба на 9 август 1945 година, по што Јапонија по шест дена капитулираше.