Над 65 држави го потпишаа договорот за трговија со конвенционални оружја

Од:

Над 65 држави веќе го потпишаа првиот меѓународен договор за регулирање на трговијата со конвенционални оружја, пренесоа американските медиуми.

Масовната поддршка за договорот даде силен поттик на кампањата за прекин на незаконската трговија со оружја, која ги потхранува конфликтите и им помага на екстремистите од целиот свет.

Прв потпис под документот стави аргентинскиот министер за надворешни работи Ектор Тимерман. Тоа се случи на церемонијата во седиштето на ОН во Њујорк.

Договорот веќе е потпишан од 67 држави – над една третина од 193-те земји членки на светската организација. Во пракса, меѓутоа, неговата ефиканост ќе зависи од поддршката на главните извозници и купувачи на оружје и од тоа колкустрого се применуваат неговите одредби.

САД ветија дека ќе го потпишат договорот во најскоро време. Русија и Кина засега не се изјасниле дали ќе го следат нивниот пример.

Договорот беше прифатен на 2 април од Генералното собрание на ОН со огромно мнозинство – 154 гласа „за“ и три „против“ (Сирија, Северна Кореја и Иран). Дваесет и три земји се воздржаа од гласање, вклучувајќи ги големите извозници на оружје (како Русија и Кина) и главните купувачи (Египет, Индија, Индонезија и Саудиска Арабија).

Договорот ќе влезе во сила 90 дена откако 50 земји ќе го ратификуваат. Според финскиот министер за надворешни работи Ерки Туомиоја тоа може да се случи по малку повеќе од една година, во зависност од тоа колку брзо ќе се одвива целиот процес.

Според одредбите од договорот, секоја земја која го потпишала треба да направи преглед на своите испораки на оружје и да оцени дали пратките нема да паднат во раце на терористи, дали продажбите нема да прекршат некое ембарго на оружје и дали не ги прекршуваат човековите права.

Трговијата со конвенционални оружја низ светот се проценува на вредност меѓу 60 и 85 милијарди долари годишно.

Би можело да ве интересира

Москва: Терористичките групи ширум светот се снабдуваат со западно оружје од Украина

МВР: Кај тројца жители на Општина Чашка е пронајдено оружје

Пентагон: Израел ќе купи оружје од САД во вредност од 7,4 милијарди долари

САД: Забраната за продажба на оружје на млади од 18 до 20 години е неуставна

Горан Наумовски

НАТО се обидува да го зголеми производството на оружје на своите членки

Кривична пријава за таткото на петнаесетгодишникот што управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје

А1он