Повеќе од 60 милиони Американци веќе гласаа на претседателските избори во САД, а таквиот тренд може да доведе до најголем одѕив на гласачите во последните 112 години, покажуваат податоците на Американскиот изборен проект.
Како што пренесуваат странските агенции, толку голем број луѓе кои гласаа предвреме на изборите, што ќе се одржат на 3 ноември, е последниот од знаците за зголемен интерес за изборите, на кои граѓаните ќе бираат помеѓу актуелниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден.
Според медиумите, тоа исто така покажува дека гласачите сакаат да го намалат ризикот од изложеност на коронавирусот, од кој досега починаа над 225.000 луѓе во земјата.
Големиот број предвремени гласови доведоа до тоа професорот од Универзитетот во Флорида, Мајкл Мекдоналд, кој го предводи Американскиот изборен проект, да предвиди рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65 отсто од вкупното гласачко тело, што би била највисоката стапка на излезност од 1908 година.