Најмалку 41 лице, главно повозрасни луѓе, починаа летово од топлотен удар во јапонскиот главен град Токио и неговата префектура, соопшти денеска локалната противпожарна служба, што функционира и како „брза помош“.
Како што пренесе ИТАР-ТАСС, 35 од жртвите биле на возраст од над 60 години. Речиси секој од нив добил смртоносен топлотен удар во задушливи простории, најчесто во нивните домови. Според властите, во нив немало климатизери или не биле вклучени, пред се, поради заштеда на средства.
Само во последнава недела во главниот град на Јапонија од топлотен удар починаа 28 лица. Јапонската метеоролошка управа веќе соопшти дека овој јули е најтоплиот од почетокот на следењето на температурите во 1961 година.
Целата мината недела во повеќето јапонски префектури температурите не паднаа под 35 степени Целзиусови. Фактички температурата на Сонце надминуваше 40 степени, а ноќе таа не се спушташе под 28 степени, при што влажноста и натаму е превисока.
Властите им препорачуваат на Јапонците поретко да излагуваат на Сонце, задолжително да носат шапка кога излегуваат надвор од домот, да ги вклучуваат климатизерите и да пијат вода колку што е можно повеќе.