Кремљ не се сомнева дека изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за последиците од можните удари од западното оружје длабоко во руската територија стигнала до наменетите приматели, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Изјавата што Путин ја даде вчера е многу важна, крајно јасна, недвосмислена и не дозволува никакви двојни толкувања“, изјави претставникот на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Путин во четвртокот рече дека земјите од НАТО сега разговараат не само за можноста за користење на западно оружје со долг дострел од страна на украинската војска, туку и за директно вклучување во конфликтот во Украина.
Рускиот претседател посочи дека одлуката да и се дозволи на украинската армија да изведува удари со западно оружје длабоко на руска територија ќе значи директно учество на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина, потсетува ТАСС.
Според Путин, тоа значително ќе ја промени самата природа на конфликтот и ќе значи дека овие земји се во војна со Русија и во тој случај, посочи, Русија ќе донесе соодветни одлуки врз основа на така создадените закани.
Претходно, светските медиуми објавија дека американскиот претседател Џозеф Бајден е под голем притисок од републиканците и демократите да ги олесни ограничувањата за тоа како Украина може да го користи оружјето што го обезбедуваат САД во војната против Русија.