Руската полиција денеска уапси најмалку четворица опозициски лидери во текот на оддржувањето на забранет собир во Москва против претседателот Владимир Путин.
Приведени се левичарскиот лидер Сергеј Удалцов, Иља Јашин, Ксенија Собчак и блогерот Алексеј Навални.
Удалцов ја крена тупаницата додека полицијата го спроведуваше кон возилото во близина на плоштадот Лубјанка, во централниот дел на Москва, каде беа собрани неколку стотици лица.
Иља Јашин преку Твитер соопшти дека тој и Ксенија Собчак биле приведени на истата локација.
Руските медиуми го пренесуваат соопштението на московската полиција дека лицата се приведни за време на собир што властите не го одобриле и тоа заради директното учествоо во неговата организација.
И покрај предупредувањето на полицијата дека собирот не е одобрен, околу 500 лица се собраа на плоштадот, од кои најмалку половината беа новинари и блогери, јавија руските медиуми.
Целта на денешниот собир беше одбележување на 12-месечното протестирање против Путин, за кое време имаше и поголеми демонстрации, наведуваат британските медиуми.