На Европската унија ќе и бидат потребни дополнителни 11 милиони здравствени работници и вработени за нега на стари лица до 2030 година, за да се исполнат барањата кои со себе ги носи стареењето на населението, се вели во извештајот објавен денеска од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
Голем дел од потребата за ваква работна сила сега се обезбедува од домашните системи за образование и обука, но миграцијата и мобилноста на трудот во рамките на ЕУ играат сè поголема улога.
Во 2018 година, речиси два милиони здравствени работници не биле родени во земјата каде што работат.
– Европа е континент кој старее и мора да се подготви за растечката побарувачка на работна сила. Наш заеднички предизвик ќе биде да обезбедиме прифатлива, квалитетна долгорочна нега и соодветна работна сила, рече Дубравка Шуица, потпретседателка на Комисијата за демократија и демографија, пренесува Хина.
Извештајот нагласува неколку предизвици кои, доколку се решат, можат да помогнат во поттикнувањето на мобилноста и да се ослободи целосниот потенцијал на миграцијата од трети земји, за да се помогне во ублажувањето на притисоците од недостиг на работна сила во овие сектори.