Муслиманското братство ја одби поканата да учествува на денешниот состанок за „национален консензус“, што се одржува на иницијатива на претседателството на Египет.
Портпаролот на Муслиманско братство, Ахмед Ариф обраќајќи се пред насобраниот народ на плоштадот Раби ал Адавија изјави дека поканата е одбиена, бидејќи не е легитмна и официјална.
– Не прифаќаме и не сакаме активно да учествуваме ниту во еден проект и иницијатива предложена од структурите кои извршија воен удар во демократска земја, посочи Ариф.
Потпретседателот на исламиситичката Партија на слободата и правдата, Исам ел Урјан изјави дека ја прифаќаат поканата, но под одредени услови.
– Не е изненадување што Муслиманско братство не ја прифати поканата. Кога ќе се врати демократскиот лигитимитет на власта и ќе се воспостави нормален демократски поредок во земјата, тогаш ќе можеме да разговараме за состаноци на кои би бил постигнат национален консензус. А, тоа може да се постигне само ако Мохамед Морси се врати на власт, истакна Урјан.
Претседателството на Египет соопшти дека денеска во палатата Итихадија ќе се одржи состанок за „национален консензус“ со цел да се изнајде заедничко решение за излез од политичката криза.