Весниците во муслиманските земји од Блискиот Исток и Северна Африка, остро го критикуваат најновиот број на француското сатирично списание „Шарли Ебдо“ и ги осудуваат Франција и Западот за, како што се тврдат, „оркестриран напад“ врз исламскиот свет.
Кон нападите се приклучуваат и оние кои важат за умерени и кои се антиислмистички определени, осудувајќи го првиот број на весникот по минатонеделниот терористички напад врз редакцијата, на чија насловна страница одново е прикажан ликот на пророкот Мухамед, што во муслиманскиот свет се смета за „навреда и богохулство“.
Овој број на „Шарли Ебдо“, не само што беше подготвен на време, туку и се распродаде и во досега незапаметен тираж од три милиони примероци, иако весникот обично продава по околу 60 илјади.
Посебно остро, весниците од Блискиот Исток ја критикуваат насловната страница на францускиот неделник.
Либанскиот весник „Ал Анвар“ не го осудува само гестот на „Шарли Ебдо“, туку и западната јавност, обвинувајќи ја за „двојни стандарди“. Овој весник му замерува на Западот што го казнува антисемитизмот, но не гледа кривично дело ако се исмева пророкот Мухамед.
Саудискиот „Ал Ватан“ побара од Франција и од другите земји казнување за навреди врз религиозна основа, како и забрана за навреди на цели религии и на личности од религијата. Според овој весник, доколку тоа не се направи, само ќе се охрабри исламскиот екстремизам.
Јорданскиот весник „Ал Дастур“ смета дека постапката на редакцијата на „Шарли Ебдо“ во најновиот број претставува „продолжување со провоцирањето“, додека алжирскиот антиисламистички „Енахар“ преку целата своја насловна страница постави наслов: „Сите ние сме Мухамед“, што треба да биде одговор на пораката од Франција и од светот: „Јас сум Шарли“.
„Ехорук“ од Алжир ја критикува владата на Франција што финансиски го помогна печатењето и појавувањето на новото милионско издание на сатиричниот неделник, опишувајќи го тоа како „отворен крстоносен поход“ против сите муслимани, додека иранската државна телевизија појавувањето на првиот број на весникот по терористичкиот напад со каикатурата на Мухамед, го смета за „чин на провокација“.
Мошне остра е реакцијата и на турскиот весник „Јени Акит“, кој важи за мошне близок до владејачката партија на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Весникот обвинува дека однесувањето на „Шарли Ебдо“ е дел од „ционистичкиот заговор“, а неговиот последен број е опишан како „кукавички напад“ врз муслиманите.
Но, од друга страна турскиот секуларен опозициски весник „Џумхуриет“ препечати дури четири страници од „Шарли“ без насловната, на која е насликан Мухамед, како гест на солидарност со француските новинари.
Турските власти ја запреја дистрибуцијата на овој весник веднаш по завршувањето на печатењето, но неговиот тираж подоцна беше пуштен во продажба, откако беше утврдено дека нема карикатури со ликот на исламискиот пророк.
Само турскиот писател Мустафа Акоил, во напис во „Њујорк Тајмс“, има поинаков став. Тој ги повикува мислиманите да ги променат правилата околу тоа што што претставува богохулење, но е осамен со ваквото гледиште.