Не сум сторил ништо лошо, изјави денеска поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак во телефонско интервју за националната телевизија, откако беше ослободен од обвиненијата за убиство на демонстранти за време на немирите во 2011 година.
Египетскиот суд претходно денеска ги повлече обвиненијата против поранешниот претседател на Египет Хосни Мубарак во повтореното судење, при што тој беше обвинет за учество во убиство на демонстранти за време на немирите во 2011.
Судот, исто така, ги повлече обвиненијата кон Мубарак, неговите синови и познат бизнисмен за корупција при набавувањето природен гас од Израел.
Мубарак беше обвинет дека со седуммина поранешни командири е вмешан во убиството на стотина демонстранти за време на протестите во 2011 година кои доведоа до крајот на неговото тридецениско владеење.
Жалбениот совет првобитната доживотна казна ја поништи во 2012 година поради технички причини. Новата пресуда требаше да биде изречена на 27 септември, но главниот судија Махмуд Камел ал Рашиди ја одложи, затоа што не завршил со пишувањето на образложението.
По ослободителната пресуда, неименуван судски функционер наведе дека Мубарак сепак нема да може да излезе од затвор бидејќи се наоѓа на отслужување тригодишна затворска казна, во одвоен случај на корупција.
И поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал Адли и шестмината негови помошници се ослободени од судот, кои беа обвинети за убиство на демонстранти во 2011 година.
Мубарак, од воената болница во судот беше пренесен со хеликоптер, а полицијата го зајакна своето присуство, така што во Каиро се распоредени 5.000 полицајци.
Според досегашните податоци во немирите и протестите за соборување на режимот на Мубарак во 2011 година животот го загубија над 850 лица и над 6.000 повредени.